Информација по повод одбележувањето на Денот на згрижувачките семејства

Во петокот на 31.05.2024 година, по повод Меѓународниот ден на згрижувачките семејства, и во пресрет на 1-ви Јуни, Денот на згрижувачките семејства во Република Северна Македонија, Центарот за поддршка на згрижувачки семејства- Битола при ЈУ „Дом за доенчиња и мали деца“- Битола, во соработка со Градоначалникот на Општина Македонски Брод, г-дин Жарко Ристески и Директорот на Центарот за социјална работа од Македонски Брод, г- дин Синиша Радески, - организира заедничка средба со згрижувачките семејства за да го одбележи и прослави овој ден и да им изрази огромна почит и благодарност на згрижувачите за нивната големата посветеност во грижата и напорите за создавање на безбедна и сигурна средина за раст , развој и среќна иднина на децата и лицата кои имаат потреба од згрижување.

Во ова преубаво и питомо место во средишниот дел на Западна Македонија и Поречјето, живеат овие добри луѓе со големо срце. Македонски Брод е местото со најголем број на згрижувачки семејства во сооднос со бројот на жители! Место каде секој 120 -ти возрасен жител е згрижувач! Македонски Брод кој едноставно дише со згрижувањето е всушност вистинското место, од каде може да се испрати силна и гласна порака до сите други градови и места, до сите луѓе и семејства во нашата држава, да ги отворат своите домови, да ги отворат своите срца, да им подадат рака и да ги прифатат децата кои останале без грижата на нивните родители! За да може секое дете да почувствува и да знае што значи дом, љубов и семејство! За сите деца да имаат среќно и безгрижно детство!

Затоа заложбата на згрижувачите од Македонски Брод, на овие прекрасни, добри и хумани луѓе, кои се пример за сите нас, не е значајна само денес, туку е значајна и за иднината. Затоа што овие згрижени деца, денес, утре, ќе носат дел од овие згрижувачи, од нивната добрина и љубов како аманет за човечноста и хуманоста. Тие деца, тие луѓе, утре ќе бидат жив споменик за грижата, љубовта, трудот и напорот на нивните згрижувачи. Тие ќе бидат луѓето кои утре ќе ја шират љубовта и добрината која ја добиле од нивните згрижувачи, бидејќи само така, грижејќи и помагајќи се взаемно, особено на оние на кои тоа им е потребно, остануваме луѓе.

Пред овој настан, беше разговарано и со Градоначалникот на Општината, г-динот Жарко Ристески, за постоечките можности и начините за унапредување на услугите за згрижувачите и корисниците на локално ниво и се надеваме дека дел од нив, многу скоро ќе започнат да се реализираат.  

Центарот за поддршка на згрижувачки семејства-Битола изразува огромна благодарност до компанијата Бимилк, која помогна оваа средба да се издигне на ниво на настан кој го поддржува и слави згрижувањето. Како општествено одговорна компанија, Бимилк донира Битолско млеко покривајќи ги месечните потреби од млеко на 40 -те згрижувачки семејства од Македонски Брод. Всушност ова е совршено поврзување на нивното одбележување на Денот на млекото со Денот на згрижувањето.

ЦПЗС Битола изразува голема благодарност и до Ботаничката градина „Пресил од Битола за нивната донација на свежо цвеќе на згрижувачките семејства од Македонски Брод; на Горан Талевски од Битола за креирање на дизајнот на Благодарниците; на „Beach Villas” од Охрид за печатењето на Благодарниците; на Градоначалникот на Општина Македонски Брод за неговото гостопримство, внимание и донација, на Центарот за социјална работа-Македонски Брод за постојаната соработка и на Канцеларијата на УНИЦЕФ за нивната поддршка во подготовка на рекламен материјал-флаери за овој настан.

Центарот за поддршка на згрижувачки семејства-Битола им го честита Денот на згрижувањето на сите згрижувачки семејства во Република Северна Македонија! 


Печати   Е-пошта