Пештерата Пешна

Пештерата Пешна

Пештерата Пешна, која се наоѓа на 6 километри од Македонски Брод е една од најатрактивните природни убавини кои за жал не се откриени и многу познати не само пред граѓаните на светот туку и пред жителите на Македонија. Оваа пештера која ја знаат само малкумина е неоткриено богатство и целосно не искористена туристичка атракција, иако е прогласена за споменик на природата. Според спелеолозите, Пешна е со најголем отвор на Балканот - таваницата на отворот е 30 метри висина. Од крајниот северен дел на пештерата, по силни дождови и топење на снегот избива силен вруток кој во сушните периоди од годината наполно пресушува. На влезниот дел на пештерата постои средновековна тврдина. Според мештаните, врутокот е реката Пешна понорница, која според извесни теории е Крапската река која формира неколку езерца и водопади во „најголемиот пештерски систем кај нас“, за кој се претпоставува дека е долг неверојатни десет километри. Остатоците од тврдината во пештерата се доведуваат во врска со месноста „Девини кули“ која се гледа од внатрешноста на пештерата. Според локалните легенди, на двете тврдини живееле сестрите на Крале Марко. Како што потврдуваат и промотерите на брендот на Крале Марко, „легендите велат дека на нејзиниот влез и навнатре била изградена тврдината на втората сестра на Крали Марко.“ Пешна е регистрирана како локалитет од доцноантичкиот период во Македонија. Во близина на селото Слатина, пред влезот на самата пештера е откриена гробница со свод од тули и страничен влез од западната страна.


Печати   Е-пошта